ВИДЕО: Петти триумф на Пелистер во низа, пресврт победа на Беса, Детонит убедлив во Кочани

Екипата на Пелистер продолжува со позитивните резултати во Втората македонска фудбалска лига и попладнево го забележа петтиот триумф во низа, што е уште една потврда дека во следната сезона елитниот македонски фудбал ќе се врати во Битола. 

Во рамките од 24. коло во второлигашкото друштво, „зелено-белите“ во целост го надиграа тимот на Арсими и на крај славеше со убедливи 3-0 (2-0). Пелистер голем дел од задачата ја заврши уште во првото полувреме, откако Спиркоски и Христов ја погодија целта и донесоа комотно водство од 2-0. Но, моментот на натпреварот се случи во 51. минута, кога Јорданчо Наумоски го постигна голот на колото, откако забележа дека голманот на Арсими е надвор од својот простор и шутираше од половина терен. Топката заврши во мрежата, за овации од трибините и честитки од соиграчите.

  • Пелистер - Арсими 3-0:

На стадионот „Билјанини Извори“ домашните фудбалери на Охрид прокоцкаа водство од 2-0 и одиграа без победник против Новаци (2-2). Охриѓани одлично започнаа и постигнаа два брзи гола, но упорноста на гостинките фудбалери се исплати во самиот финиш, кога Новаци возврати со два гола и освои голем бод од ова гостување.

  • Охрид - Новаци 2-2:

Фудбалерите на Беса важеа за големи фаворити во соочувањето со Скопје, но до посакуваните три бода стигнаа со многу мака и по пресврт, откако во првиот дел имаа негатива од 0-1. Скопјани подобро го започнаа натпреварот и поведоа со 0-1, но само што започна вториот дел Беса прво израмни на 1-1, а искусниот Емини од пенал во 80. минута ги постави конечните 2-1. Токму најстрогата казна која што ја доби Беса крена многу прашина на теренот, гостинските фудбалери сметаа дека не постоело никаков прекршок, тренерот Љупчо Марковски се крстеше, а натпреварот за момент беше во прекин поради влез на неофицијално лице на теренот. Откако реагираше полицијата и ја отстрани личноста од теренот, натпреварот продолжи и Изаир Емини со сигурна реализација донесе голема победа на Беса. 

  • Беса - Скопје 2-1:

Екипата на Башкими требаше да прими гол за да се разигра против Караораман и на крај да слави убедлив триумф од 4-1. Гостите од Струга поведоа во 15. минута, по што следуваше ремек-дело на Егзон Азири за 1-1. Во вториот дел Башкими покажа моќ и со три гола стигна до заслужена победа од 4-1. 

  • Башкими - Караорман 4-1:

Пресврт имаше и во Тетово, каде домашниот тим на Тетекс прокоцка водство од 1-0 и загуби од Вардар Неготино. На полувреме беше 1-1, а гостите од Неготино до трите бода стигнаа во самиот финиш, со гол во 88. минута.

  • Тетекс - Вардар Неготино 1-2:

Беласица и Саса во борбен натпревар одиграа 1-1 во Струмица. По двата врзани кикса, фудбалерите на Детонит Плачковица им се вратија на победите во ВМФЛ и на гостувањето во Кочани славеа со 0-3 во соочувањето со Осогово. 

  • Осогово - Детонит 0-3:

Во Прилеп младите момци на Јане Николоски немаа сили за ново изненадување и Кожув со погодокот на Поп Антоски во самиот финиш забележа победа од 0-1.

  • Победа - Кожув 0-1: 

Дистанците на врвот останаа исти и Беса е лидер со шест бода повеќе од Пелистер, а битолчани имаат осум бода предност пред третопласираната екипа на Детонит Плачковица.