• Саше Љолес

Екипата на Брера Струмица одигра храбар натпревар на гостувањето кај Арсими 1973 и се избори за триумф со конечни 0-2 (0-1) во осумнаесеттото коло на Првата македонска лига.
Првото полувреме понуди интересен и динамичен фудбал, иако може да се каже дека гостите беа тие што за нијанса подобро го отворија мечот. Арсими се обидуваше да создаде добра прилика за погодок, но тоа се случи на спротивната страна.
Се играше 23. минута, кога Леонардо Петровиќ одлично продре по левата страна, влезе кон петерецот и биеше неодбранливо во спротивниот агол. Струмичани беа во добар моментум и стигнаа до минимална предност, која успеаја да ја задржат и до паузата меѓу двете полувремиња (0-1).
Брера повторно се закани на стартот од вториот дел, но Тодоров не реализираше колосална шанса од само десетина метри. Арсими делуваше дека е малку дезориентиран, но се охрабри и потоа тргна во поголема офанзива.
Имаа домаќините неколку добри нафрлени топки во шеснаесетникот, но без конкретна завршница во периодот до 60. минута. Темпото малку опадна во овие моменти, но целта на Арсими беше јасна - да тргне по евентуално израмнување.
Се трудеше домаќинот да наметне своја игра и повторно се закани, беше погодена и стативата на гостите, со глава биеше и Ремзифаик Селмани, но резултатот остана непроменет. Брера се обидуваше да ги затвори приодите кон голот, иако до крајот имаше уште петнаесетина минути. Кружеше Арсими околу казнениот простор, скоро целосно ја презема иницијативата во финишот, но не успеа да го скрши противникот, а струмичани во судиското надополнување одиграа една брза контра и успеаја да го потврдат триумфот со голот на Стојанов во 93. минута.
За струмичкиот прволигаш ова е шеста победа сезонава, со која сега стигна до 23 бодови, а Арсими има бод помалку и засега останува на седмата позиција на табелата. Во следното коло, Брера Струмица ќе го пречека Работнички, додека Арсими ќе има шанса за бодови на гостувањето кај Шкупи.






