• Горан Упале
Македонскиот фудбалски шампион Вардар веќе неколку денови своите подготовки пред почетокот на пролетниот дел од сезоната ги одработува во Анталија. Вардар покрај тренинзите ќе одигра и неколку пријателски натпревари против тимови кои исто така се подготвуваат во Анталија, а првиот меч е закажан за утре со почеток од 14.30 часот против Волфсбергер.
Пред натпреварот со австрискиот бундеслигаш младиот фудбалер на Вардар, Петар Петковски за официјалната страница на ФК Вардар изјави:
„Станува збор за противник кој нам ни е добро познат. Драго ми е што на претходниот меѓусебен дуел со мојот прв погодок во дресот на Вардар го израмнив резултатот на 1-1, откако Австријците по само пет минути игра дојдоа до почетна предност. Во секој случај, Волфсбергер е една квалитетна екипа, која игра во едно многу посилно првенство од нашето, а згора на тоа претходното лето играа и против Борусија Дортмунд во квалификациските кола од Лигата на Европа. Мислам дека утре не очекува еден цврст, интересен и пред се неизвесен натпревар до самиот крај. Се надевам дека се ќе мине во најдобар ред и ќе успееме да дојдеме до позитивен резултат. Нормално дека посакувам повторно да ја затресам нивната мрежа, но во овој момент најважно е да видиме како ќе одиграме како колектив. Напорно работиме уште од првиот ден на подготовките и спремни го дочекуваме првиот контролен испит“.
Екипата на Вардар и во летните припреми во Анталија одигра натпревар против Волфсбергер, кој заврши нерешено 1-1, а стрелец за „црвено-црните“ беше 18-годишниот Петковски.