Петковиќ: Елиминиравме еден фаворит, но не завршивме со тоа на ЕП

Владимир Петковиќ, селекторот на Швајцарија е свесен дека неговите фудбалери направија подвиг со елиминацијата на светскиот шампион Франција, но пред четвртфиналниот дуел со Шпанија, тој вели дека неговиот тим „сè уште е гладен за успех“.

Во еден од највозбудливите натпревари на Европското првенство, Швајцарија успеа да се врати од негатива од 3-1 и по изведувањето на пеналите го приреди најголемото изненадување во досегашниот дел од шампионатот. 

„Остваривме голем успех со пласманот во четвртфиналето, но не го завршивме шампионатот тука, ние сме „гладни за нови победи“. Знаеме дека повторно играме против еден од фаворитите, но не сме задоволни само со победата над Франција. Подготвени сме за уште еден голем предизвик“, вели Петковиќ.

Ова ќе биде прв дуел помеѓу Швајцарија и Шпанија на Европските шампионати. Нивните три претходни натпревари на големи турнири беа во рамки од Светските првенства во 1966, 1994 и 2010 година. Шпанија ги доби првите два, а Швајцарија славеше на третиот натпревар.