• Саше Љолес
Фудбалерите на Баерн Минхен доживеаја вистински дебакл на гостувањето кај Анјтрахт Франкфурт во 14. коло од Бундеслигата и загубија со убедливи и огромни 5-1.
- Ајнтрахт Франкфурт - Баерн Минхен 5-1:
Првиот сезонски пораз за Баварците ќе одекне силно низ фудбалска Европа, затоа што домаќинот ги надигра во секој сегмент од играта и не им дозволи ниту да се понадеваат на резултатско враќање во мечот. Ајнтрахт водеше со 3-0 по само 36 минути игра и приреди вистински шок за гостинските фанови, а Баерн до паузата успеа да намали на 3-1 преку Џошуа Кимих. Марумуш, Ебимбе и Ларсон беа стрелци за домаќините во првиот дел.
Вторите 45 минути требаше да донесат поголема иницијатива на гостите и обид за поправање на впечатокот, но фаворитот прими уште два гола и на крајот доживеа комплетен „крах“ во Франкфурт. Ебимбе со уште еден гол и Кнауф во 60. минута ставија точка на високиот триумф со конечни 5-1, кој сега го искачува Ајнтрахт на седмата позиција во Бундеслигата.
За тимот на Томас Тухел ова беше прв пораз во сезоната и Баварците остануваат второпласирани, правејќи чекор наназад кон лидерот Баер Леверкузен. Гигантот од Минхен сега има три бода помалку од „фармацевтите“ на Чаби Алонсо.
На останатите натпревари, Унион Берлин конечно донесе радост за своите навивачи и славеше со сигурни 3-1 над Борусија Менхенгладбах, Вердер Бремен без проблеми триумфира над Аугзбург со 2-0, Хајденхајм и Дармштадт одиграа ефикасен меч со конечни 3-2, додека Фрајбург извојува минимален триумф со 0-1 на гостувањето кај Волфсбург.