Пет проблеми кои Реал Мадрид мора да ги „лечи“ без скапо да купува

„Кралскиот клуб“ Реал Мадрид во овој преоден рок не донесе некое големо засилување како што претходно ги навикна своите навивачи. Зинедин Зидан со речиси ист тим ќе ја брани титулата во Примера, а мора да среди пет проблеми.

Шпанскиот весник „Марка“ излезе со анализа во која ги посочи главните болки со кои би можеле да се соочат мадридистите во новата сезона на шпанскиот фудбал. Во генералката пред Примера, Реал Мадрид славеше над Хетафе повеќе од убедливо (6-0), ама...

Како прв проблем посочено е што тимот нема замена за Касемиро. Овој преоден рок тоа беше главна мисија, да се најде бекап, ама досега нема такво нешто. Лани тој одигра преку 4.000 минути во дресот на Реал и покрај опасноста од повреди и суспензии.

Вториот проблем е што тимот нема расположени голгетери освен Карим Бензема. Французинот излезе од сенката која ја имаше додека Роналдо беше во тимот и блесна во шампионската сезона. Но, тука се Јовиќ, Азар, Винициус, Бејл, Асенсио, Иско кои се во лоша форма и мора да се поправат.

Тука е и лошата форма на Иско. Шпанскиот репрезентативец веќе две години е без блесок. Зидан му верува, но сега ситуацијата може да биде проблематична затоа што Мартин Одегард се врати во екипата и шпанскиот репрезентативец може да го загуби тоа гарантирано место во екипата.

Четвртиот проблем е десната бековска позиција. Дани Карвахал е единствената сигурна опција исто како Касемиро што е во дефанзивната линија од средниот ред. Одриозола се врати од Баерн Минхен, но не е по теркот на Зидан. Васкез се подготвува за трансфер во Катар, па како алтернатива во тимот ќе остане Менди кој не е класичен десен бек, ама ќе мора да покрива ако е потребно.

Последната, а можеби и најголема болка на Реал Мадрид е Еден Азар. Сите се сомневаат во физичката подготвеност на Белгиецот. Скапо платеното засилување никогаш не ги оправда средствата и е бледа сенка од она што беше во Челзи. Голем проблем е повредата на зглобот која го мачи играчот подолго време.

Овие проблеми лесно можеа да се решат да не беше ковид-кризата. Реал Мадрид планираше да испрати понуди за Килијан Мбапе, Каи Хаверц, Ерлинг Халанд, Едуардо Камавинга... ама поради финансискиот удар ова лето трансфери многу веројатно нема да има.

Прочитајте повеќе околу тековните трансфери во Македонија и светот на ОВОЈ линк.