• Саше Љолес

Македонскиот репрезентативец, Бојан Миовски, има феноменална сезона зад себе и успеа да постигне 25 гола за Абердин, а медиумите на Островот пишуваат дека за нашиот центарфор веќе има огромен интерес од дури пет европски клубови.
Се очекуваше дека за неговите услуги ќе „загризат“ најголемите шкотски гиганти, Глазгов Ренџерс и Селтик, но во сериозна трка се вклучени уште Болоња, Феенорд и Саутемптон. За „светците“ уште лани се шпекулираше дека го посакуваат Миовски, но сега тие добиваат сериозна конкуренција и Македонецот ќе има на масата неколку интересни понуди.
Родениот штипјанец пристигна во Абердин пред две години од унгарскиот МТК и многу бргу се наметна како лидер на тимот, а вкупно во дресот на шкотскиот клуб постигна 44 голови. За македонската репрезентација досега запиша 22 настапи и забележа три погодоци.
Абердин сигурно трие раце и ја очекува најбогатата понуда за Миовски. Трансферот сигурно ќе биде најмалку пет пати поголем од претходниот, кога Шкотите на МТК му платија 615.000 евра за услугите на македонскиот напаѓач.