ВИДЕО: Перу се изнапромаши, Венецуела и со човек помалку остана непоразена

Перу и Венецуела играа без голови во вториот натпревар од првото коло на групата А на Копа Америка во Бразил (0-0). Дуелот на „Гремио Арена“ го одбележаа шансите на Перуанците на аргентинскиот стручњак Гарека, како и двата оправдано поништени погодоци по интервенцијата на технологијата. 

  • Извештај од натпреварот: 

И покрај интензитетот натпреварот заврши без голови, а двапати Перуанците ја затресоа противничката мрежа од недозволена офсајд позиција. Најнапред, Кристофер Гонзалес во раната фаза погоди со глава, но по прегледување на ВАР-снимката голот беше поништен.

На почетокот од второто полувреме ветеранот Гереро ја погоди целта, но на почетокот од акцијата, левиот бек Трауко кој центрираше се најде во офсајд позиција. Помеѓу овие два поништени гола, Перу беше далеку поактивен, Фарфан во првото и Гереро во второто полувреме имаа свои можности, а и Куева не се прослави сам пред голманот Фаринес.

Најзрелата можност Венецуела на селекторот Дудамел ја имаше преку Рондон на почетокот од второто полувреме. Во последните 15 минути Венецуела играше со човек помалку по исклучувањето на Луис Маго, но Перу и тоа не го искористи и натпреварот заврши без голови (0-0). 

По првото коло во групата А, Бразил е лидер со три бода, Перу и Венецуела имаат по еден, а Боливија е без ниту еден бод. Во второто коло во вторник навечер и во среда наутро по средноевропско време се среќаваат Перу - Боливија и Бразил - Венецуела.