Перу е „убиецот“ на големите на Копа Америка, Уругвај фаворит за полуфиналето

Уругвај Перу

Последното четвртфинале на Копа Америка ќе го одиграат Уругвај и Перу. Победникот од овој меч ќе се сретне со Чиле, кој ноќва по пенал рулетот ја елиминира Колумбија во четвртфиналето.

Луис Суарез и Единсон Кавани постигнаа по два гола во групната фаза, а сега ќе имаат задача да ја затресат перуанската мрежа. Уругвајците важат за фаворити на овој натпревар, но противникот е незгоден и победи на последниот меѓусебен дуел пред две години.

Повредите ќе бидат најголемиот проблем на Оскар Табарез, селекторот на уругвајската репрезентација. Тој остана без услугите на Матиас Весино, а сега под знак прашалник се учествата на Лукас Тореира и Кристиан Стуани.

Перуанците немаат такви проблеми и со сите сили ќе напаѓаат пласман во полуфиналето и дуел со Чиле. Џеферсон Фарфан и Паоло Гереро треба да бидат најопасните фудбалери во нападот, а можни се неколку промени во последната линија пред голманот.

Уругвај доминира во меѓусебните дуели со 37 победи на 66 одиграни средби. Перуанската селекција игра за третото полуфинале во последните четири изданија на Копа Америка. Мрежата на уругвајската репрезентација не беше допрена на пет од последните шест натпревари, а перуанскиот напад не постигнал гол на четири од последните шест меча.

Очекувањата се дека фаворизираниот тим на Табарез лесно ќе си ја заврши работата и ќе се најде во најдобрата четворка.