Перишиќ се сели во холандски гигант, но нема да игра во првата фаза од ЛШ

Хрватскиот фудбалер Иван Перишиќ е на прагот да потпише за холандски ПСВ, пишуваат повеќе европски спортски медиуми. Уште откако под чудни околности го напушти Хајдук, тимот од Ајндховен покажа голем интерес за Иван Перишиќ, кој со ангажирањето на хрватскиот ветеран би добил сериозно засилување во офанзивниот дел од теренот за потребите на Лигата на шампионите и домашното првенство. .

Сепак, бидејќи процесот на пријавување играчи за првата фаза од Лигата на шампионите е завршен, Хрватот кој во ПСВ Ајндховен ќе дојде како слободен играч, би пропуштил добар дел од елитното натпреварување, но би бил подготвен за сите обврски во вториот дел од сезоната.

Некогашниот играч на Борусија, Волфсбург, Баерн, Интер и Тотенхем, пролетва пристигна во Хајдук со намера да му помогне на сплитскиот гигант да ја освои титулата. Но, таа епизода заврши неславно и поради конфликт со темпераментниот тренер Џенаро Гатузо, Перишиќ го раскина договорот по само дванаесет натпревари, на кои постигна еден гол.