Перишиќ: Ова е вистинската Хрватска, со Белгија одиме на победа – поинаку не знаеме

Фудбалската репрезентација на Хрватска како да се „разбуди“ на Светското првенство, па по бледиот прв натпревар го покажа потенцијалот и ја приземји залетаната Канада (4-1). „Коцкестите“ кои и натаму ја имаат титулата вицепрвак покажаа што можат, откако прво примија гол за дефицит со Канаѓаните.

По победата своето мислење го изнесе еден од хероите Иван Перишиќ. Фудбалерот на Тотенхем нагласи дека денес се видела вистинската Хрватска, а најави напад на победата и против Белгијците во последното коло. 

„Денес ја видовме вистинската Хрватска. Моравме да бидеме многу подобри со топката отколку со Мароко. Тогаш премногу се фокусиравме на одбраната поради нивните контри, ама тоа не бевме вистинските ние. Мора да се наметнуваме како денес, иако лошо тргнавме. Потоа се вративме, доминиравме и заслужено победивме. 

Сега полесно се дише, особено по првиот гол и првата победа во Катар. Трите бода даваат сила и ветер во грб. Во последната средба не смееме да загубиме, ама ние ќе одиме на победа бидејќи поинаку и не знаеме. Нема да размислуваме на гол-разликата, одиме на триумф, да ја играме нашата игра. Мора да бидеме паметни - нема страв“, кажа Перишиќ.

Иван Перишиќ беше двоен асистент во победата над Канада, а одлична вест е што целиот тим изгледаше импресивно во пресрет на последното коло и мечот со Канада.