Перфектната есен на Мартин Мирчевски - 14 натпревари и 14 гола

Со Беласица и Пелистер како есенски прваци минатиот викенд заврши првиот дел од двете второлигашки конкуренции. Ако резултатот на битолчани е очекуван, во источната група големи шанси им се даваа на Брегалница и Тиквеш, но ланскиот прволигаш Беласица од втор план дојде до израз и одигра перфектна есен.

Со три бода повеќе од Брегалница и четири од Кит-Го, струмичани ја наметнаа кандидатурата за промоција во ПМФЛ. Големи заслуги во есенската титула има младиот креативец Мартин Мирчевски. Иако неговото место на теренот не е класичен шпиц играч, зад себе остави полусезона со 14 постигнати гола на 14 натпревари. Со ваков учинок сигурно го заслужи признанието за најдобар фудбалер во полусезоната.

Мирчевски е изданок на школата на Пелистер, но во два наврати го носеше дресот на Беласица, а кратка епизода имаше и во косовска Трепча. Оваа полусезона Мирчевски доби слобода во играта и го покажа својот квалитет. Некогашниот репрезентативец до 16 и 17 години го игра својот најдобар фудбал во кариерата и постои голем интерес од најдобрите македонски екипи за неговите услуги.

Најголем проблем на Беласица ќе му биде да го задржи, а за да ја добие битката со Брегалница за промоција во Првата лига, ќе мора значително да се засили и да не дозволи најдобрите фудбалери да си заминат.