Перез и Реал Мадрид имаат генијален план за доведување на „Златната топка“

Медиумите во Шпанија пишуваат дека Флорентино Перез и управата на Реал Мадрид веќе имаат смислено план како да ја доведат кај себе „Златната топка“, односно тргнуваат во трансфер-офанзива по најдобриот светски играч, Родри!

Шпанскиот репрезентативец пред само неколку дена ја доби „Златната топка“ и беше прогласен за најдобар играч во изминатата година, а во моментов се опоравува од тешката повреда на лигаментите која ја доживеа на стартот од актуелната сезона. 

Ѕвездата на Манчестер Сити сигурно чини над 200 милиони евра, но се претпоставува дека Перез веќе нашол решение како да го реализира трансферот без да потроши огромни средства. Се споменува испраќање на Орелиен Чуамени во Манчестер, како и дополнителна сума од 80 милиони евра, но засега овие информации остануваат само во доменот на шпекулациите. 

28-годишниот Родри пристигна во Сити пред четири сезони и оттогаш се наметна како главен мотор на тимот. Минатата сезона триумфираше во Премиер лигата, а воедно стана и европски шампион со неговата Шпанија.