Перез доби нов мандат на претседателското место во Реал Мадрид!

Флорентино

Флорентино Перез како единствен кандидат доби нов мандат и ќе остане на претседателската функција во Реал Мадрид.

Шестиот мандат на првиот човек на „кралевите“ ќе трае до 2025 година. Во втората етапа во клубот од 2009 година, 74-годишникот секогаш беше реизбран без противкандидат.

Пред десет дена против Еибар, Перез прослави јубилеј и стана претседател со 1.000 натпревари позади своето име. Со него на чело на клубот, мадридскиот гигант освои 26 титули од кои по пет во Пример и Лигата на шампионите.

Првиот мандат Перез го доби во 2000 година, кога му се спротистави на Рамон Мендоза. Во тој период остана запаметен по „галактичките“ засилувања како Зинедин Зидан, Дејвид Бекам, Роналдо и Луис Фиго. Идентичен потег направи во 2009 година, кога во еден трансфер период ги доведе Кака, Карим Бензема, Кристијано Роналдо и Џаби Алонсо. 

Под негово водство „Сантијаго Бернабеу“ започна да се реновира и треба да добие модернистички изглед како никој друг стадион на светот.