Пеп звучи како Мурињо: Сакам да играм четвртфинале против Баерн!

Иако се целосно различни, понекогаш Пеп Гвардиола звучи како Жозе Мурињо. Вечерва по рекордната победа од 7-0 против Шалке 04, каталонскиот стратег зборуваше за многу теми поврзани со натпреварот, ги испофали сите свои фудбалери, го опеа Агуеро,говореше за Данило како да е најдобриот Кафу, но „бисерот“ го остави за крај.

Кога новинарот му постави прашање за посакуваниот ривал во четвртфиналето, Пеп рече:

„Сакам да играм четвртфинале против Баерн. Се чувствувам како дел од овој голем клуб. Го сакам Минхен, го сакам Баерн и имам многу пријатели таму“.

Сигурно фановите на Ливерпул ќе му замерат што ги отпиша и пред да започне реваншот, но веројатно ова е „отровна стрела“ и во борбата за титулата во Премиер лигата.

Ако утре Ливерпул го елиминира Баерн, ќе комплетира четири англиски екипи во четвртфиналето на Лигата на шампионите.