• Горан Упале
Манчестер Сити се соочува со обвинувања за кршење на финансиските правила на Премиер лигата според дури 115 точки и тоа се драстично посериозни обвинувања од оние со кои се соочи Евертон. Клубот од Ливерпул беше осуден и казнет со одземање десет бодови, а после тоа сите погледи се насочени кон случаите на Манчестер Сити и Челзи за кои многумина предвидуваат многу потешка судбина и елиминација од Премиер лигата во пониските рангови на англискиот фудбал. .
Менаџерот на „граѓаните“ Пеп Гвардиола проговори на оваа тема и побара трпение од сите и реакции за одлуката на судот дури кога ќе биде донесена. Тој цврсто увери дека ќе остане на клупата на актуелниот прволигаш и европски шампион дури и ако испадне во пониските лиги.
„Ми поставуваш прашање како веќе да сме казнети. И, во овој момент, ние сме невини додека не се докаже вината. Знам дека луѓето го сакаат тоа. Го чувствувам тоа, но почекајте. Почекајте да ја добиеме пресудата. Тогаш ќе дојдеме овде и ќе објасниме. Без разлика дали сме тука (во Премиер лигата) или во Лига 1 (трета лига) нема да има апсолутно никаква врска со мојата иднина овде. Има поголеми шанси да останам во Манчестер Сити дури и да играме во Лига 1.
Во судот се судијата, адвокатите на Премиер лигата, како и нашите адвокати кои ќе нè бранат, а потоа ќе биде донесена одлуката. Знам дека сите вие сакате Сити да биде жестоко казнет. Секако нема да кажам ни збор за Евертон, бидејќи не ја знам реалноста. Не знам што навистина се случи“ изјави Гвардиола.
Гвардиола во Манчестер се пресели во 2016 година, а најголемиот успех со „граѓаните“ го запиша минатата сезона, кога Сити стана само вториот англиски клуб со тројна круна – ФА Куп, Премиер лига и Лига на шампиони.