Пеп за Халанд: Одличен потег на раководството на клубот

Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер Сити, по убедливата победа над „волците“ во Премиер лигата, проговори и за доаѓањето на Ерлинг Халанд во редовите на „граѓаните“.

Шпанскиот стручњак е убеден дека младиот Норвежанец одлично ќе се вклопи во неговиот концепт на работа.

„Мислам дека тоа е одличен потег на раководството на клубот за во иднина. Добивме одличен напаѓач, кој сигурно долги години ќе го носи дресот на Сити. Ја сакам својата работа, бидејќи ќе имам можност да работам со уште еден врвен ас, а врвните играчи создаваат добри менаџери“, истакна Гвардиола.

Прославениот стручњак вели дека нема да поставува голгетерски цели за младиот напаѓач.

„Апсолутно нема да има притисок. Одбраната никогаш не зависи само од стоперот, ниту пак нападот зависи само од шпицот. Важно е да победуваме како тим и секој да има свој придонес во тоа. А Халанд сигурно ќе ни донесе дополнителен квалитет“, заврши Пеп.

Сити ќе ја активира клаузулата за откуп од Борусија Дортмунд која изнесува 75 милиони евра.