• Мартин Танасковски

Манчестер Сити го мина Лејтон Ориент во ФА Купот, а тренерот Пеп Гвардиола по мечот доби прашање за трансфер-периодот и високата потрошена цифра која изнесува над 200 милиони евра.
„Граѓаните“ донесоа неколку нови играчи за да го засилат ростерот за да бидат поконкуренти на домашната сцена и во Лигата на шампионите. Некои од аналитичарите сметаат дека Сити пазари панично, заради можноста од суспензија за трансфери.
„Само да знаете, во последните пет години, во однос на нето трошењето, бевме последни од првите шест клуба. Во последните три години потрошивме најмалку меѓу првите шест. Дури и по она што го потрошивме во овој преоден рок, ние сме далеку зад Челзи, Јунајтед, Арсенал, Тотенхем, дури и Ливерпул, бидејќи сме продале многу во претходните сезони.
Сепак, на крајот, секој клуб може да прави што сака, нели? И ако можеме да трошиме, тоа е затоа што имаме пари. Во последните 10 години бевме трети по трошење, но во последните пет, во последните три, освојувајќи го она што го освоивме, заостанувавме зад првите шест екипи. Жал ми е за коментарот, но не се согласувам дека трошењето е поради можноста за забрана за трансфери“, изјави Гвардиола.
Манчестер Сити во Лигата на шампионите го чека двомеч со Реал Мадрид, додека во Премиер лигата ќе биде пеколно тешко да се одбрани тронот.