Пеп: Спортската култура во „екс-ју“ земјите е за почит, видете го Ноле...

Европскиот владетел Манчестер Сити ја отвора новата сезона во Лигата на шампионите против Црвена Звезда. Во одлична атмосфера, Пеп Гвардиола го најави натпреварот на англиско тло во кој „граѓаните“ се големи фаворити.

Шпанецот истакна дека спортската култура во земјите во поранешна Југославија е фантастична, а ги пофали успесите посебно на Србите, како на пример оние на Новак Ѓоковиќ.

„Се сеќавам кога Марадона даде гол во Белград со лоб, но и на мојот меч во 1996 година против Црвена Звезда во Белград. Не игравме добро, а таму атмосферата секогаш е жешка. Спортската култура во преубавите земји на поранешна Југославија е за восхит. Имаат неверојатен менталитет, луѓето се исклучителни натпреварувачи. Видете го Новак Ѓоковиќ што се постигна. Силни се сите во колективните спортови, ватерполистите на пример имаат многу медали. Таму децата во училиштата се учат да бидат добри натпреварувачи“, изјави Пеп.

Тренерот на Сити потоа го прокоментира првиот меч кој следува.

„Црвена Звезда ќе биде агресивна, во формација 3-5-2. Не се бранат човек на човек, но понекогаш го прават и тоа. Ова е наш прв дуел во Лигата на шампионите, целта секако дека е победа. Прво мора да ја минеме групата, се зависи од нашиот тим и ние ќе се прашуваме на терен. Неверојатно сме среќни што ја браниме круната. Дома секогаш бевме силни, така сакаме и да остане“, додаде тој.

На натпреварот против Црвена Звезда, Манчестер Сити нема да може да смета на Ковачиќ и Грилиш, а исто така и на Де Брујне кој подолго е отсутен. Мечот на „Етихад“ се игра во вторник од 21:00 часот.