ВИДЕО: Пеп со победа ја прослави „илјадарката“, Доку го излуди бледиот Ливерпул!

Трофејниот Пеп Гвардиола ќе го памети илјадитиот натпревар во тренерската кариера, бидејќи неговиот Манчестер Сити целосно го разби шампионот Ливерпул со 3-0 (2-0) и му се реваншира за ланските два порази во Премиер лигата, Дуелот од 11. коло на англиската елита го одбележа Џереми Доку, за кого „црвените“ немаа одговор, и Ерлинг Халанд, кој го постигна 99. погодок во англиската елита.

  • Извештај од натпреварот:

И Гвардиола и Слот ги повторија старните тимови од европските победи неделава. Но, пристапот на „граѓаните“ беше далеку подобар, па потпирајќи се на брзината и играта „еден на еден“ на Доку, ја градеа иницијативата. Токму по пробивот на Белгиецот, Мамардашвили стартуваше во казнениот простор, а главниот судија Крис Кавана покажа на белата точка, откако ја погледна снимката од ВАР-собата. Сепак, казнениот удар на Халанд, грузискиот голман го одбрани и го остави својот тим во натпреварот. 

Сепак, превласта на тимот на Гвардиола надвладеа, и по центаршутот на Матеуш Нуњез, Халанд највисоко скокна и во 29. минута ја закова топката во мрежата на „црвените“. Следеа серија на шанси на домаќините, додека Слот очајно ја бараше играта од минатата сезона на Ливерпул. Во недостиг на убави акции и потези, првакот „удри“ од прекин. По корнерот од десната страна, Ван Дајк највисоко скокна и ја закова топката во мрежата за 1-1, но помошникот судија го поништи голот, заради офсајд од Робертсон, кој му сметаше на Донарума во правецот на шутот на Холанѓанецот. И наместо со 1-1, на одмор се замина со 2-0. Во судиското надополнување на загубеното време, Нико Гозналез шутираше од работ на казнениот простор, топката го погоди Ван Дајк и го измами Мамардашвили (2-0). 

На почетокот од вториот дел повеќе креираа гостите и Собослаи и Гакпо дојдоа најблиску до преполовивање на предноста на Сити. Сепак, натпреварот дефинитивно го одлучи третиот погодок на момците на Пеп. Играчот на натпреварот, Џереми Доку, со велемајсторски индивидуален потег зголеми на 3-0. Се играше 63. минута кога Доку пласираше со десната нога во спротивниот агол и го принуди Мамардашвили на трета капитулација.

Финишот беше формалност, Салах беше најблиску до почетен погодок, но Ливерпул немаше свое попладне во дождливиот Манчестер и првпат по децении нанижа четири гостински порази по ред.

Сити изби на второто место и сега има четири бода помалку од лидерот Арсенал, а Ливерпул падна на осмото место со осум бода помалку од водечкиот тим од северен Лондон.