• Горан Упале
Манчестер Сити не е во најдобра позиција пред стартот на новата сезона во Лигата на шампионите и натпреварот со Црвена Звезда.
Актуелниот шампион во Премиер лигата викендов го совлада Вест Хем со 3-1, но Пеп Гвардиола е загрижен за здравјето на своите играчи. Шпанскиот статег се пожали дека поради повреди и заминувањата на многу играчи сега има намален играчки кадар и дека тоа му создава сериозни главоболки.
„Помалку играчи на клупата е проблем. Кога имате многу повреди, проблемот не е само денес, туку и утре или на следните три-четири-пет натпревари. Жал ми е, ќе има натпревари каде што треба да играме со играчи од „вториот тим“, затоа што не смееме да ризикуваме со повреди на главните играчи. Кевин де Брујне и Џон Стоунс сè уште се повредени, уште не знам што се случува со Ковачиќ и Грилиш. Не знам колку време ќе бидат надвор од тимот. Мислам дека нема да бидат подготвени за Црвена Звезда“, изјави Гвардиола.
Манчестер Сити и Црвена Звезда во вторник од 21:00 часот го играат првото коло од групната фаза на Лигата на шампионите.