Пеп: Се мачиме, ќе се пензионирам ако се случи тоа...

Пеп Гвардиола призна дека размислува за пензија. Шпанецот пристигна на „Итихад“ во 2016 година, освои пет титули во Премиер лигата и една во Лигата на шампионите. Минатата сезона го достигна врвот и со „граѓаните“ освои тројна круна.

Гвардиола потврди дека би можел да ја заврши тренерската кариера доколку Сити го повтори подвигот. 

„Ако ја освоиме тројната круна сезонава, ќе се повлечам. Тоа е сигурно. Знам дека е исклучително тешко, колку неверојатни тимови имаше во Англија, а само еден со Сер Алекс Фергусон го направи тоа и ние минатата сезона“, вели Каталонецот.

Надежите на Гвардиола и Сити за освојување на уште една тројна круна се намалија по поразот од Астон Вила. На „граѓаните“ им пресуди Бејли во 74. минута и со тоа дополнително ја продолжи кризата на Сити во домашниот шампионат.

„Моја должност и работа е да најдам начин да се вратам од оваа ситуација. Понекогаш игравме добро, понекогаш не, но секогаш наоѓавме начин да се вратиме, а сега се мачиме. Мора да ја промениме динамиката“, заклучи стратегот на Манчестер Сити.

Шампионот повеќе од еден месец нема победа во Премиер лигата. Тимот на Гвардиола сега е на четвртото место и има шест бода помалку од актуелниот лидер Арсенал.