Пеп: Проблем е што не можеме да постигнеме гол, но Сити ќе биде конкурент за титулата

Манчестер Сити повторно остана без победа во едно дерби во Премиер лигата, откако на гости кај Тотенхем загуби со 2-0, во натпревар во кој „граѓаните“ доминираа во текот на сите 90. минута, но момците на Жозе Мурињо беа тие кои ја тресеа противничката мрежа.

Стратегот на клупата на Сити, Пеп Гвардиола и покрај поразот упати позитивни зборови кон своите фудбалери и смета дека неговиот тим останува меѓу кандидатите за трофејот во Премиер лигата. 

„Не сме далеку. Проблемот е што не можеме да постигнеме гол. Тоа е реалноста. Во мојата прва година во Манчестер, Челзи од самиот почеток имаше предност. Подоцна секогаш е неизвесно. И сега има многу тимови кои се во игра за највисок пласман. Сепак, само што заврши деветото коло, има уште многу да се игра. Ќе видиме како сè ќе заврши“, изјави Гвардиола.

По некомплетно деветто коло Манчестер Сити е на 12-тата позиција на табелата со 12 бода, дури осум помалку од лидерот Тотенхем, но има еден натпревар помалку.