• Горан Упале
Пеп Гвардиола беше тешко погоден од поразот од Ливерпул, но изјави дека сега сака да им даде поддршка на своите играчи повеќе од кога било досега. Манчестер Сити го претрпе шестиот пораз во последните седум натпревари во сите натпреварувања, а четврти во низа во Премиер лигата, што е најлошата серија досега за актуелниот англиски шампион.
„Граѓаните“ беа целосно надиграни на „Енфилд роуд“ и загубија со 2-0, а резултатот можеше да биде далеку поубедлив во корист на големиот ривал.
Во еден момент навивачите на „Енфилд роуд“ почнаа да ја „пеат“ познатата песна на Пеп Гвардиола, „Ќе добиеш отказ утре“, наменета за тренерите кога имаат лоши резултати.
„Тоа ми го пеат сега на сите стадиони. Сите навивачи сакаат да ме отпуштат, тоа почна во Брајтон. Можеби тие се во право по сите овие резултати. Сепак, не очекував да го слушнам тоа на „Енфилд“. Не го направија тоа на 1-0, туку на 2-0. Навистина не го очекував тоа од навивачите на Ливерпул, но тоа е дел од играта...“, изјави Пеп Гвардиола за англиските медиуми.
Менаџерот на Сити додаде дека и покрај несфатливата криза, сепак има целосна доверба во своите играчи и верува дека заедно ќе најдат начин како да им се вратат на старите навики. Инаку, Пеп и Сити пред неколку дена ја продолжија соработката до јуни 2026 година.