Пеп: Ми велеа дека само Фергусон го може тоа во Премиер лигата, ама сега...

Екипата на Манчестер Сити е на чекор, вторпат по ред, четврти пат во последните пет години, и шести пат во изминатите единаесет сезони, да биде шампион на Англија. За тоа момците на Пеп Гвардиола треба да го победат составот на Астон Вила, во рамките од последното коло од Премиер лигата.

На „Итихад“, тимот од Бирмингем е апсолутен аутсајдер, а во пресрет на оваа пресметка шпанскиот стратег го спореди својот тим со доминацијата на Манчестер Јунајтед под водство на Сер Алекс Фергусон.

„Кога дојдов овде, луѓето ми велеа дека Премиер лигата е најтешка од сите. Дека различни тимови ќе станат шампиони и дека само Манчестер Јунајтед на Алекс Фергусон може толку пати да биде шампион, бидејќи само тој можеше да го стори тоа. Јасно е каков потфат направија.

Но, сега сме блиску до тоа, блиску сме да бидеме дел од таа приказна и мора да се обидеме да влеземе во тој круг“, изјави Гвардиoла.

Натпреварот меѓу Манчестер Сити и Астон Вила, како и останатите дуели од последното коло во Премиер лигата, започнува од 17:00 часот.