• Горан Упале

Манчестер Сити в среда ќе му гостува кај Клуб Бриж, во натпреварот од четвртото коло oд групната фаза во Лигата на шампионите, а Пеп Гвардиола смета дека натпреварот во моментов е многу поважен од дербито на Манчестер кое неговиот тим го очекува за викендот.
По три одиграни кола во елитата, англискиот шампион е втор во групата А, со бод помалку од Пари Сен Жермен и два повеќе од Бриж. Иако неговиот тим славеше со 5-1 на гостувањето кај истиот ривал во претходното коло, Гвардиола не сака ништо да препушти на случајност.
„Мислам дека овој натпревар ни е многу поважен од дуелот со Јунајтед. Имаме одлична можност на овој дуел да обезбедиме пласман во нокаут-фазата од Лигата на шампионите. Имаме многу натпревари во Премиер лигата, само шест во Лигата на шампионите, а не останаа уште многу. Третиот и четвртиот натпревар во групната фаза се секогаш најважни. Прилично сум сигурен дека гостите ќе се прилагодат, и дека ќе бараат начин да нè казнат и за најмала грешка. Затоа мораме да бидеме подобри. Мислам дека ќе имаме сосема поинаков натпревар од претходниот“, изјави Гвардиола.
Сити во овој дуел влегува со пораз од Кристал Палас во Премиер лигата, а претходно „граѓаните“ беа елиминирани од Вест Хем во Лига Купот на Англија.