• Мартин Танасковски
Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, јавно побара од Англиската фудбалска лига да ги преиспита и измени правилата на Лига купот, со цел новото засилување Марк Геј да добие право на настап во финалниот натпревар против Арсенал. Англискиот репрезентативец не можеше да игра во реваншот од полуфиналето против Њукасл, а според важечките прописи речиси сигурно ќе мора да го пропушти и големото финале закажано за 22 март на „Вембли“.
Манчестер Сити го ангажира 25-годишниот дефанзивец од Кристал Палас по првиот полуфинален дуел со Њукасл. Сепак, правилникот на натпреварувањето јасно наведува дека фудбалерот мора да биде регистриран пред одигрувањето на првиот полуфинален натпревар за да може да настапува во завршницата на турнирот.
„Се надеваме дека ќе успееме да ја убедиме Лига куп организацијата Марк да добие дозвола за настап. Искрено, не разбирам зошто не би можел да игра во финалето. Купувате играч за огромна сума, а тој не смее да настапи поради правило кое не ми е јасно. Се надевам дека ќе покажат флексибилност и ќе го променат“, изјави Гвардиола.
Шпанскиот стратег направи споредба и со друго јануарско засилување, Антоан Семењо, кој пристигна од Борнмут неколку дена пред првиот полуфинален меч и имаше право на настап, па дури и постигна гол.
„Антоан дојде пред првиот натпревар и затоа можеше да игра. Но сега зборуваме за финале во март. Зошто Геј да не може да настапи? Ние му исплаќаме плата, тој е наш фудбалер. Навистина не ја гледам логиката зошто не би играл во натпревар кој е закажан за неколку месеци. Му кажав на клубот дека мора да се обиде и да праша“, додаде Гвардиола.
На прашањето дали очекува позитивен одговор од надлежните, тренерот на Манчестер сити беше реален.
„Искрено? Не. Но ќе се обидеме“, заклучи тој.
Останува да се види дали апелот на Гвардиола ќе наиде на разбирање или правилата ќе останат непроменети, што би значело дека Манчестер Сити ќе мора да го игра финалето без едно од своите најнови засилувања.



