Пеп искрен: Ако не играме во ЛШ, некои играчи нема да сакаат да ни се приклучат

Манчестер Сити долго време е надвор од конкуренција за титулата во англиската Премиер лига, а до крајот на сезоната ќе се бори за пласман во Лигата на шампионите, односно за едно од првите пет места на табелата.

За ова е свесен и тренерот, Пеп Гвардиола, кој истакна дека клубот ќе се најде во исклучително тешка ситуација доколку не обезбеди учество во Лигата на шампионите следната сезона.

„Прилично сум сигурен дека играчите прво ќе ги изберат клубовите кои ќе играат во Лигата на шампионите. Можеби некои играчи ќе дојдат дури и ако не играме во Лигата на шампионите, но сигурно ќе има некои кои нема да сакаат да ни се приклучат ако не сме во елитата. Се уште не сум разговарал со никого, па не знам", изјави шпанскиот тренер на прес-конференцијата во пресрет на натпреварот против Евертон.

Летово Сити ќе мора да биде активен на трансфер-пазарот, а примарна цел ќе му биде доведување замена за Кевин Де Брујне, кој по завршувањето на сезоната го напушта клубот.