Пеналите среќни за „винарите“: Вардар Неготино пак е во ВМФЛ! (ВИДЕО)

Екипата на Вардар Неготино обезбеди второлигашки статус откако по изведување на пенали беше подобра од Новаци. Регуларниот дел заврши 1-1, а во серијата неготинци се покажаа како подобри пеналџии.

  • Извештај од натпреварот:

Екипата на Новаци имаше скоро цел меч позитива, затоа што уште во првото полувреме дојде до предност. Антонио Стојковски најдобро се снајде во казнениот простор и донесе позитива за тимот на Горан Ставревски. Имаше екипата контрола на играта се до самиот финиш кога Вардар Неготино дојде до израмнување преку Кирил Неделков по еден кикс на одбраната на Новаци.

Така, патникот во ВМФЛ се реши преку пеналите. Во серијата за Вардар Неготино прв промаши Дарко Нацев кој ја погоди пречката, но потоа голманот на неготинци, Стефан Стефанов, го прочита шутот на Стефановски и пак се влезе во егал. Потоа за Новаци целиот гол од белата точка го промаши Стефан Јовановски, но Николче Симоновски го прочита следниот пенал на Петар Ристовски.

Сепак, Новаци пак промаши цел гол, овој пат преку Антонио Стојковски, а човек на одлука беше Марјанчо Илов кој го реализира клучниот пенал. Така, неготинци се во Втората лига заедно со Тетекс и Башкими.

Новаци, пак, ќе чека шанса да биде „лаки лузер“. ФФМ ќе влече две од трите поразени екипи кои ќе добијат второлигашки статус. Покрај Новаци, тоа се уште Осогово и Влазрими.