ВИДЕО: Пеналите кобни за Шкендија, Силекс оди понатаму во Купот!

Дербито во четвртфиналето Купот на Македонија меѓу Силекс и Шкендија го оправда епитетот на меч на четвртфиналето. Прволигашите одиграа „тврд натпревар“ кој заврши без голови (0-0), а патникот меѓу најдобрите четири го дадоа пеналите кои завршија во полза на кратовчани (4-2).

Шкендија беше поконкретна, ама во второто полувреме не успеа да го најде патот до мрежата на ривалот од Кратово. Ернест Ѓока може да жали зошто прашањето околу победникот не беше решено во регуларните 90 минути, па според новите правила, дуелот на „Градскиот стадион“ во Кратово виде пенали, кои завршија со хепи-енд за домаќинот.

Дуелот на двете екипи во Кратово почна со доста голема борба. Шансите изостануваа на стартот, но затоа подоцна играта се заостри. Судијата подели жолти картони, па Силекс беше првиот кој тргна со заканите. Во 31. минута Беким Реџепи ги покажа своите квалитети и првпат беше ставен на тест, откако Бурхан Мустафов се најде на пет метри од голот и шутираше силно, ама чуварот на Шкендија одлично одбрани.

Пред крајот на првиот дел Тимовски додаде до Костовски, напаѓачот на Силекс излезе пред голот, ама шутот по земја заврши во рацете на Реџепи. Најсериозната шанса Шкендија ја имаше во 44. минута, кога се обиде Нафиу, но шутот удри во играч на Силекс и фати чудно движење и за малку не го изненади домашниот голман Трајковски.

Ернест Ѓока направи две замени за вториот дел, во игра го внесе младиот Елези на местото на Ахмеди кој изгледаше како да се повреди, а исто така влезе и Бесарт Ибраими, кој доста помогна и го разигра тимот. Шкендија наметна притисок, но фалеше завршницата на стартот на вториот дел. Во 60. минута гостите од Тетово бараа и пенал откако Нафиу беше срушен во казнениот простор од Трајковски, ама судијата Марјан Маркоски одмавна со рацете.

Во 72. минута Шкендија имаше неколку шутеви кон голот на Силекс во една акција, но блокот и одбраната реагираа добро и можеби спречија сигурен погодок. До финишот на мечот Шкендија беше подобра, имаше повеќе притисок, ама немаше голови.

Така, победникот го дадоа пеналите. Ристов ја отвори серијата со гол за Силекс, а Трајковски потоа одлично го прочита шутот на Тотре. Следен во серијата шутираше Драшковиќ, чиј удар го прочита Реџепи, па Нафиу изедначи во серијата на 1-1. За Силекс погоди Костовски, па изненади промашувањето на Бесарт Ибраими, по што Серафимовски ја удвои предноста за кратовчани. Откако Шкендија погоди, клучниот пенал вреден полуфинале го реализира Карчевски, за конечни 3-2.

Кратовчани меѓу четирите најдобри се заедно со Академија Пандев, Македонија ЃП и Струга Трим Љум.