• Иван Димовски
Фудбалерите на АЕК Ларнака се пласираа во второто коло од квалификациите за Лигата на Европа, откако подобро изведуваа пенали во Белград и го победија Партизан со 5-6 (2-2 вкупен резултат).
Српскиот домаќин успеа прв да стигне до предност по долго време игра без погодоци. Течеше 69. минута кога Партизан поведе преку Угрешиќ и ги израдува „Гробарите“. Во судиското продолжение АЕК имаше пенал, но ударот на Ангиелски го одбрани голманот Милошевиќ и средбата влезе во дополнителни 30 минути.
Драмата продолжи, Понс успеа да израмни на 1-1 во 104. минута, а потоа во второто продолжение Јовановиќ ја врати предноста за Партизан. Откако немаше решение ниту по продолженијата (вкупно беше 2-2), се прејде кон пеналите. По осум серии АЕК успеа да стигне до победата со 5-6, откако Костиќ не реализира, а Њали погоди за конечниот резултат. Тука настана тензија, прво голманот Милошевиќ бараше двоен контакт од последниот изведувач, па дојде до турканица.
Исходот на турканицата беше пет црвени картони во двата тима. Во првиот „бран“ исклучени беа Драгојевиќ од Партизан и Ивановиќ од АЕК. Потоа црвени картони добија Милошевиќ и Њали, а на крај исклучен беше и тренерот на кипарскиот тим Идиакез.



