ВИДЕО: Пелистер го преживеа гостувањето кај Ренова и со бод се враќа за Битола

Екипите на Ренова и Пелистер ниту по меѓусебниот дуел не успеаја да им се вратат на победите во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), затоа што на дербито во Гостивар одиграа непопуларно реми од 0-0. Со оваа побелба на бодовите „зелено-белите“ се искачија на осмата позиција на табелата во домашниот шампионат, додека Ренова застана на десеттото место. 

Домашната екипа поофанзивно го отвори натпреварот во Гостивар и малку фалеше уште во шестата минута да го отвори резултатот против битолскиот ривал. По еден незгоден центаршут на Шала од левата страна, голманот Талески и одбраната реагираа почетнички и му подарија зицер на домашниот офанзивец Мухарем, но младиот фудбалер на Ренова успеа да промаши од неверојатна позиција и резултатот остана непроменет. 

Неколку минути подоцна „гипсарите“ имаа уште неколку закани во низа, но повторно без резултат. Битолчани дури по 15. минута се ослободија од почетниот притисок и тежиштето на играта се префрли на половината на домаќините, но без некое посериозно возбудување пред голот на Велии. 

Во 21. минута гостинскиот напаѓач Хот падна во домашниот казнен простор, но судијата Стојчевски сметаше дека немаше доволен контакт за најстрога казна и не ја прекина играта. До крајот на првиот дел воглавно се играше на средината на теренот со блага иницијатива на домашните фудбалери, но повторно без поконкретна закана кон гостинскиот гол.

За разлика од стартот на првиот дел, во вториот битолчани беа тие кои подобро го отворија полувремето. Константно го притискаа голот на домаќините, но ударите на Нето и Пејаковиќ не претставуваа закана за Велии. Домашниот стратег Бујар Ислами незадоволен од пристапот на своите поединци се реши за краток период да направи три замени и да ја освежи офанзивата, додека на спротивната страна Штерјовски првиот потег го подвлече во 59. минута, кога на местото на Хот во игра влезе искусниот Маневски. 

Но, ниту нововлезените фудбалери не успеаја да ја донесат потребната свежина во своите табори, па се чини поделбата на бодовите е најдобриот исход од денешното дерби во Гостивар. Во самиот финиш Ренова преку Ремзифаик Селмани ја погоди стативата на битолчани, а неколку минути подоцна резервистот Борче Маневски ја здрма рамката од голот на „гипсарите“.

Во следното коло Пелистер на свој терен ќе ја пречека Струга Трим Љум, додека Ренова го игра дербито со Вардар. Претходно, поточно в среда двете екипи повторно во Гостивар ќе се сретнат во рамките од осминафиналето на Купот на Македонија