Пелистерци победата му ја посветија на Божо Димчевски: „Вечна ти слава“!

Фудбалерите на Пелистер ја забележаа првата победа во новата сезона во Втората македонска фудбалска лига, но трите бода имаат посебна тежина за битолскиот клуб. „Зеленo-белите“ триумфот го посветија на Божо Димчевски, поранешен фудбалер на Пелистер, кој денес ненадејно почина на 72-годишна возраст.

„Првата победа оваа сезона, Пелистер ја посветува на Божо Димчевски. Вечна ти слава!“, објави клубот по натпреварот.

Димчевски беше дел од една од најзначајните генерации во историјата на Пелистер и фудбалер кој остави длабока трага во битолскиот клуб.

Димчевски беше дел од генерацијата која во сезоната 1974/75 го оствари дотогаш најголемиот успех на клубот, историскиот пласман во Втората сојузна југословенска лига. 

Играчката кариера ја заврши во 1984 година со свечен проштален натпревар, но неговата врска со Пелистер никогаш не престана. Како ветеран продолжи да настапува за клубот и беше дел од ветеранските активности сè до својата смрт.

Заминувањето на Димчевски доаѓа само неколку дена по смртта на уште еден член од славната генерација на Пелистер, Никола Богоевски. Така, во краток временски период битолскиот клуб остана без уште една важна фигура од генерацијата која ги постави темелите на подоцнежниот развој на Пелистер.