Пелистер со перфектна партија и „седумка“ го испрати Шкупи од Битола

Пелистер со убедлива победа од 7-0 над Шкупи направи чекор напред во трката за опстанок во Првата македонска фудбалска лига, во натпревар од 31. коло кој целосно мина во знакот на битолскиот тим. Шкупи одамна е испаднат од елитата, а избраниците на домашниот тим тоа максимално го искористија и уште во првото полувреме го решија победникот.

Битолчани настапија без повредениот Булатовиќ, додека искусниот Мирко Ивановски остана на клупата за резерви. По неколку воведни шанси на Петар Петковски и Филип Петровиќ, како и слободен удар на Стефан Спировски, домаќините поведоа во 25. минута. Петковски одлично проигра во празно, а Филип Петровиќ од левата страна со прецизен дијагонален удар со левата нога го совлада Муслиу за 1-0.

Само пет минути подоцна Пелистер веќе имаше сигурни 2-0. Спировски испрати одличен пас, Петковски излезе сам пред Муслиу и со силен удар по земја ја затресе мрежата. Во 34. минута Петровиќ повторно се закани со удар со левата нога, но топката заврши над пречката. Сепак, напаѓачот на Пелистер повторно беше прецизен во 39. минута. Србијанац убаво центрираше по земја од левата страна, а Петровиќ од непосредна близина ја смести топката во небранетата мрежа за 3-0. До паузата следуваше уште еден погодок. Во 44. минута Пелистер изведе убава акција на мал простор, а Петковски од непосредна близина со левата нога погоди за 4-0.

Во второто полувреме домаќините не застанаа. Во 49. минута Петровиќ беше блиску до хет трик, но по неговиот удар со глава Муслиу со помош на пречката успеа да одбрани. Петтиот гол пристигна во 70. минута кога Јован Мрмачовски од непосредна близина ја смести топката во празната мрежа. Само што влезе во игра, Михајло Петровиќ се запиша меѓу стрелците со прецизен удар со левата нога за 6-0. Конечните 7-0 ги постави расположениот Филип Петровиќ, кој со прекрасен погодок со левата нога го комплетираше својот хет трик и стави печат на убедливата победа на Пелистер.

На табелата „зелено-белите“ стигнаа до 36 бода и се осмопласирани, исто толку има и Брера, а прв безбеден е Арсими со 39. Од друга страна, Шкупи со само бод е убедливо на дното на табелата.