• Горан Упале

Фудбалскиот клуб Пелистер ја информира јавноста дека, по истекот на договорите, завршува соработката со шестмина фудбалери.
Зелено-белиот дрес повеќе нема да го носат капитените Мирко Ивановски и Александар Ристевски, како и Андреј Јовчевски, Давид Ангелевски, Филип Бошковски и Вилдан Керим.
„Во името на клубот, искрено им благодариме за професионалниот однос, пожртвуваноста, посветеноста и придонесот што го дадоа во изминатиот период. Со својата работа, карактер и борбеност, секој од нив остави свој белег во зелено-белиот дрес и беше дел од приказната на Пелистер. Клубот им посакува многу здравје, среќа и успех во понатамошниот тек од нивните кариери, како на професионален, така и на личен план. Вратите на Пелистер секогаш ќе останат отворени за вас, бидејќи еднаш кога ќе станете дел од нашето зелено-бело семејство, Пелистер засекогаш останува ваш дом. Ви благодариме за сè и ви посакуваме многу среќа во новите предизвици“, стои во објавата на Пелистер.
Новото раководство на клубот, на чело до Димитар Митревски веќе активно работи на трансфер-пазарот и наскоро ќе треба да бидат претставени и првите засилувања. Во новата сезона, Пелистер ќе биде предводен од искусниот стратег Борче Христов.
