ВИДЕО: Пелистер сигурен во дербито со Победа, Скопје ја шокира Беласица

Екипата на Пелистер продолжи да брка пласман во Првата лига откако на гостински терен на стадионот „Гоце Делчев“ славеше над тимот на Победа (0-2) во рамки на 14. коло од Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ). Ова е трета врзана победа за екипата на Влатко Костов, што е видна реакција по домашниот пораз од Беса.

  • Победа - Пелистер 0-2:

Во пелагониското дерби, овој пат во второлигашки ранг, „зелените“ покажаа дека се поквалитетен тим и ги прокнижија трите бода. Но, повторно остануваат на третото место на табелата. Автори на трите бода за пелистерци беа Бојан Спиркоски и Јованчо Трајковски во 40. и 74. минута.

  • Детонит Плачковица - Кожуф 2-0:

Детонит Плачковица дома го совлада Кожуф во дуел во кој важеше за голем фаворит (2-0). Стрелци на овој натпревар за радовишани беа Аљбан Мемеди во 29. и Вилдан Керим во 49. минута од натпреварот на Градскиот стадион.

  • Беласица - Скопје 0-1:

Изненадување приреди Скопје кој на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица беше подобар од Беласица (0-1). Поразот за домашните настана поради автогол кој во 80. минута од натпреварот си го постигна Давид Стојков.

  • Башкими - Беса 0-3:

Лидерот Беса ја осигура есенската титула, откако одигра доминантно и сигурно и заслужено освои три бода против Башкими (0-3) и чекори кон Првата лига. Два гола за фаворитот постигна Фитон Адеми, а еднаш реализира Зани Назифи.

  • Охрид - Тетекс 2-0:

Охрид пред својата публика во градот крај езерото го пречека Тетекс и против него успеа да слави со 2-0. Победата ја донесоа Емил Скоко и Оливер Дишлиевски со голови во 53. и 70. минута од мечот.

На останатите натпревари ГФК Осогово и Арсими во Кочани одиграа реми (1-1). За домаќините погоди Драган Паунов, додека за гостите стрелец беше Емир Асани. Новаци во ефикасен натпревар успеа да освои три бода со Вардар Неготино (3-2), додека Саса пред својата публика ремизира со Караорман (2-2).

На врвот на табелата нема промени. Лидер и есенски првак е Беса со 37 бода, второ место е Детонит Плачковица со 32 бода, третопласиран е Пелистер со 30 бода, зад него далеку се Охрид со 23 бода, Новаци со 22 бода, Беласица, Кожуф, Арсими со по 20 бода. Во долниот дел на табелата, последна е Саса со седум бода, следи Караорман со десет бода, па Осогово со 12 бода. Први на безбедните места по 14 одиграни кола се Вардар Неготино и Победа со по 15 бода, пред нив се Тетекс со 17 и Скопје со 18 бода.