Пелистер се пофали со девет дебитанти во ПМФЛ, првпат настапи и „бисерот“ Ангелевски

Новиот прволигаш, битолски Пелистер, оваа полусезона ја заврши на средината од табелата и некаде околу очекувањата по враќањето во елитата. Клубот есента ја одигра скоро со комплетно македонски тим, а лансираше и девет дебитанти во првиот тим на возраст од 16 до 20 година. Последни кои дебитираа се Давид Ангелевски и Габриел Крстевски, кои вчера играа во вториот дел против Работнички.

Есенва дресот на Пелистер првпат во натпревари за бодови во елитната категорија го облекоа голманите Андреј Јовчевски и Натаниел Димовски, дефанзивците Стефан Ивановски и Христијан Стојановски, фудбалерите за врска Филип Тодороски, Габриел Крстевски и Давид Ангелевски и напаѓачите Михаил Талевски и Андреј Силјановски. Вчера на натпреварот против Работнички првите минути во Првата лига ги одиграа 16-годишниот Ангелевски и 18-годишниот Крстевски.

„Есенската полусезона за ФК Пелистер како нов прволигаш беше голем предизвик. И покрај целите и конкуренцијата не отстапивме од нашата стратегија да промовираме млади фудбалери од нашата школа и по тој податок сме ретки во нашиот фудбал. Затоа подеднакво важни како освоените бодови се настапите на осум „бисери“ од нашата школа во сениорскиот фудбал.

Клубот ќе продолжи во оваа насока, напоредно да ги остварува целите на сениорската екипа, но и да лансира фудбалери од нашата школа, која е меѓу најдобрите во Македонија и која секојдневно напредува“, се вели во информацијата која ја сподели клубот со медиумите и своите приврзаници.

Пелистер презими на делба на седмото и осмото место со 19 бода по 18 кола.