• Саше Љолес

Екипите на Тиквеш и Пелистер одиграа возбудлив натпревар и ремизираа со конечни 2-2 (2-0) во претпоследното коло од македонската Прва лига. Битолчани на овој меч не успеаја да го искористат киксот на Башкими, кој испушти победа со „лавовите“. Можеа да бидат во игра за опстанок само ако победеа, но откако не успеаја, јасно е дека одат во баражот.
- Головите од натпреварот:
Кавадарчани не го започнаа мечот најдобро, дозволувајќи му на гостинот да создаде неколку добри прилики. Пелистер постојано кружеше околу шеснаесетникот во првите петнаесеттина минути, неколку пати нафрлуваше поопасно кон петерецот, а одлична шанса имаше Стефан Спировски, кој не реализираше од само 5-6 метри.
Проблеми правеше и мокриот терен во Кавадарци, но потоа огреа и сонце, кое малку им даде повеќе стимул на домашните фудбалери. Тиквеш заигра подобро, тргна во мала офанзива, а тоа вроди со плод во 29. минута, кога Кристијан Ацковски најдобро се снајде во шеснаесетникот и го постигна својот прв гол во 24. настап за кавадаречкиот тим.
Не им требаше на домаќините многу време за да ја удвојат предноста, се изборија за пенал во 39. минута, кој беше прецизно реализиран од Н'Фанли Сила. Пелистер беше во мал нокдаун и на паузата замина со два гола негатива (2-0).
Битолчани решија да го поправат впечатокот во второто полувреме, беше очигледна нивната желба за брз повраток во мечот, иако не успеваа веднаш да дојдат до посериозна закана. Најпрво следуваше поништен погодок на Керим, а потоа дојде и зрак надеж за гостите. Мирко Ивановски погоди за 2-1 во 73. минута, по што следуваше нова контра на Пелистер, со идентична завршница за искусниот напаѓач. Израмнувањето пристигна само три минути подоцна, носејќи шок за домашните фанови.
Имаа пелистерци време и за евентуален целосен пресврт, постигнаа уште еден гол, но беше веднаш поништен од судијата Јован Качевски поради офсајд-ситуација. Ивановски беше повторно опасен, истрча во зицер ситуација, но голманот Димовски го спаси Тиквеш во 85. минута.
Според случувањата на теренот, Пелистер заслужи и победа, но Тиквеш успеа да се одбрани и го затвори мечот со конечни 2-2. Гостите од Битола одиграа далеку подобро во второто полувреме, но не успеаја да дојдат до голем и значаен пресврт во Кавадарци.
Пелистер сега има 37 бода и во последното коло ќе игра со Башкими, додека Тиквеш е сигурен со 45 бодови и се подготвува за меч со Работнички во Скопје.

