Пелистер против традицијата на мегдан со Ренова, нема победа на гости шест години

Фудбалерите на Пелистер и Ренова за само три дена двапати ќе ги вкрстат копјата, но дефинитивно денешниот кој се игра во рамки деветтото коло од Првата македонска фудбалска лига е далеку поважен за двете екипи, од оној в среда во Купот на Македонија. 

Ниту Пелистер, ниту пак Ренова можат да се пофалат со одлични игри и резултати во последниот период во македонската елита. Двете екипи се наоѓаат во опасната зона на табелата, па сигурно денешната победа ќе им биде добредојдена.

„Зелено-белите“ позитивно ја отворија новата сезона во ПМФЛ, но потоа влегоа во мала криза и остана на две победи по осум кола. Ренова, пак, која со големи амбиции го започна шампионатот, бележи катастрофални резултати, па победата над Академија Пандев од пред два месеци сè уште ѝ е единствена во новата сезона. 

Меѓусебните дуели на Ренова и Пелистер честопати носат победа на домашниот тим, така беше на последните десет натпревари во лигата и Купот, а последен пат гостинот се радувал во 2014 година, откако Ренова во Битола славеше со минимални 0-1. Неколку месеци претходно и Пелистер славеше на гости во Тетово со 0-2.

  • Последните пет натпревари меѓу Ренова и Пелистер: 

02.05.18 ПМФЛ Пелистер - Ренова 3-2
10.03.18 ПМФЛ Ренова - Пелистер 1-0
05.11.17 ПМФЛ Пелистер - Ренова 2-1
16.09.17 ПМФЛ Ренова - Пелистер 1-0
07.05.17 ПМФЛ Пелистер - Ренова 3-0

Поради реконструкцијата на теренот во Тетово, денешното дерби меѓу Ренова и Пелистер, како и дуелот од Купот на Македонија ќе се играат во Гостивар.