ВИДЕО: Пелистер прослави 80. години со триумф над Динамо Букурешт!

Екипата на Пелистер го прослави 80. роденден на клубот во ревијален меч со Динамо Букурешт од Романија, кој го доби со сигурни 2-0 (0-0) со два гола кои паднаа во второто полувреме.

  • Извештај од натпреварот:

Еден од најстарите клубови во Македонија имаше своја забава на стадионот „Петар Милошевски“, а исто така роденден прославија и навивачите „Чкембари“ кои прославија 40. години постоење. Публиката имаше што да види, а повеќе фудбал имаше во второто полувреме.

Во првиот дел, Пелистер тргна поконкретно. Мирко Ивановски, кој инаку е поранешен играч на Динамо Букурешт, шутираше од слободен удар во 11. минута, но само крај голот, а потоа истиот играч имаше можност во 35. минута, но не ја искористи. Гостите од Романија двапати се заканија, но Јовчевски добро реагираше.

На стартот на вториот дел, новиот тренер Стојановски направи тројна замена. Исто така и Динамо менуваше, а измените беа во фокусот затоа што се играше претпазливо. Во 59. минута, Белиќ имаше шанса да погоди, но не успеа. На гол се чекаше до 75. минута кога по еден центаршут од десната страна на Ристиќ, Тоадер од Динамо си даде автогол. Подоцна, во 88. минута, Ристевски од пенал ги постави конечните 2-0.

До финишот на мечот, Вилдан Керим имаше две шанси за гол, но не успеа да ги искористи за уште поубедлива победа.