• Мартин Танасковски
Екипата на Пелистер го одбрани домашниот терен и забележа сигурна победа над Башкими (4-0) во рамките на 13. коло на Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ).
- Пелистер - Башкими 4-0:
„Зелените“ ја оправдаа фаворитската улога и со четири гола во мрежата на ривалот запишаа посакуван резултат. Бојан Спиркоски со глава, Симеон Христов од отпадок, Давид Јошевски од непосредна близина и Дарко Размоски од пенал беа стрелци за победникот. Покажани беа и два црвени картони, по еден за двата тима, а поцрвенеа Азис Амети заради прекршок на последен човек и голманот Андреј Јовчевски за прекршок надвор од казнениот простор.
Сепак, нема промени на табелата кога се говори за второто место, затоа што Детонит Плачковица дома го победи ГФК Охрид (1-0). Единствен стрелец на натпреварот во Радовиш беше Бабунски во 56. минута од натпреварот.
- Караорман - Новаци 1-3:
Во Струга, во снежни услови, екипата на Новаци го победи Караорман (1-3). Стрелци за екипата на Дарко Крстески беа Стефан Јовановски, Иве Трифуновски и Благој Стојчев, а единствениот гол за домашните крај езерото го постигна Игор Клечкароски.
Три бода освои и Кожуф во дуелот со последнопласираната Саса (3-2), за домашниот тим стрелаа Ангел Кочев, Давид Љушев и Бојан Иванов, додека Вардар Неготино дома ја совлада Беласица исто така со 1-0, со голот на Неделков.
Одложени се натпреврите Беса - Тетекс и Скопје - Осогово, а доцни крајот на натпреварот меѓу Арсими и Победа.