Пелистер почна со подготовки, Борче Маневски единствено ново име

Двојниот освојувач на Купот на Македонија, второлигашот битолски Пелистер денес ги започна подготовките за новата сезона 2019/20. Со малку измени од ростерот од минатата сезона и едно ново име, битолчани тргна во обидот да ја остварат целта на армијата навивачи - враќање во ПМФЛ. 

Дарко Крстески прозиваше, а во тимот се добро познати лица од минатата сезона. Единствено ново име е напаѓачот Борче Маневски кој се врати од Косово по одличната сезона во Балкани. Маневски ќе му биде од корист на матичниот клуб и со Главевски треба да бидат задолжени за голови во ВМФЛ-Запад. 34-годишниот напаѓач го претстави новиот спортски директор, Пеце Коруновски, кој доаѓа на местото на Менде Степановски. 

Клубот најавува засилувања и во останатите линии, бидејќи само со посилен ростер може да се нападне првото место, единствено кое води во елитата. За разлика од минатата сезона Пелистер е послаб за тројца клучни фудбалери - Битола ја напуштија Ристе Маркоски, Петар Љамчевски и Ристе Илијовски.

Припремниот период пелистерци ќе го минат во Битола, а ќе одиграат пет-шест контролни натпревари во Битола и Охрид. Календарот на натпревари ќе биде познат на крајот од месец јули, а новата ВМФЛ стартува на крајот од август. Само првопласираниот влегува ранг погоре, а второпласираниот тим ќе разигрува со второпласираниот од источната група, па ако извојува победа со осмопласираниот во ПМФЛ.