• Горан Упале

Битолски Пелистер не успеа да ја повтори одличната партија против Работнички (3-2) и денес на свој терен одигра само 0-0 против „фенерџијата“ на табелата во ПМФЛ, екипата на Скопје. Со овој бод Пелистер успеа да ја надмина Победа, која вчера загуби од Шкендија, и со 21 бод застана на осмата позиција на табелата во домашниот шампионат.
Секуловски им даде шанса на голманот Петровски, Неданоски и Александар Ристевски на местата на Дарко Ристевски, Љамчевски и Маневски за разлика од стартниот тим против Работнички пред две недели. Meчот одлично го почнаа гостите и преку Филип Петковски ја креираа првата шанса за гол. Пелистер возврати со ударот на Наумоски, кој од блокот на Личина заврши во корнер. Пелистер повеќе ја имаше топката во нозете, но и Скопје не беше безопасен.
Во централната фаза на полувреме се повреди вториот помошник судија Ангеловски и беше заменет со четвртиот судија Гоцевски. Битолчани најзрелата шанса ја имаа во 28. минута, кога по ударот на Наумоски, Србинот Стефановиќ ја одби топката, а Неданоски од само неколку метри со левата нога биеше крај дирекот.
Пет минути подоцна Трифуновски убаво го пронајде Неданоски, но гостинскиот голман беше побрз и навремено интервенираше. Првиот дел заврши со нов удар на Наумоски, кој пак за малку биеше непрецизно.
Битолскиот стратег уште на стартот на вториот дел во игра го внесе искусниот Борче Маневски, кој ја донесе потребната свежина во нападот, па пелистерци за само неколку минути пропуштија три изгледни шанси за гол. Првата ја имаше Кристијан Драгарски, но биеше само во гостинскиот голман, а потоа се закани и нововлезениот Маневски. Се заканија и гостите преку Десниќ, кој биеше од дистанца и Кофи, кој имаше празен гол, но го погоди само домашниот капитен Тодоровски.
Шансата на мечот ја имаше токму Драгарски, кој најдобро се снајде по една мешаница во казнениот простор на Стефановиќ, но неговиот удар заврши само покрај гостинскиот гол.
Секуловски за последните десет минути се одлучи да нападне со сите сили, во игра влезе и најновото засилување Тревис Бовен, но ниту Американецот не успеа да ја пробие цврстата и добро поставена гостинска одбрана. Во следното коло Пелистер враќање на победничките патеки ќе бара на гостувањето кај Ренова, додека Скопје ќе му гостува на Силекс, кој денес успеа да слави голема победа над шампионот Вардар.