Пелистер на раскрсница: Стигнаа понуди за продажба, клубот пред нов проект и скок во амбициите!

По победата над Тиквеш и службените бодови со Гостивар и Воска Спорт, битолски Пелистер многу порано од завршувањето на сезоната во Првата лига го обезбеди опстанокот и ќе заврши повеќе кон средината на табелата со околу 40 бода, што е добар учинок за нов прволигаш. Клубот се наоѓа пред расчекор и летово треба да донесе одлука – ќе биде комплетно продаден или ќе остане под „капата“ на Општина Битола. Со оглед на тоа што барањата и трошоците се многу повисоки од претходно, извесно е дека за европски Пелистер нема да биде доволно само поддршка од Општината и ќе треба уште еден акционер во клубот. Неофицијално дознаваме дека веќе има неколку понуди од странство за купување на мнозинскиот пакет акции во клубот. Можните купувачи испратиле писма со намери до Општина Битола или ги контактирале луѓето од општината и клубот. Се очекуваат средби во следниот период за да се испита „теренот“ за продажба. Компании од Турција и арапскиот свет се најчесто споменувани опции, но постојат и домашни комбинации, можност за купување на дел од акциите, па дури и платформа по примерот на ракометниот клуб Еурофарм Пелистер. Сепак, извесно е дека еден од ретките клубови во Првата лига кој не е во приватна сопственост - ќе претрпи реорганизација. Претседателот Митко Стојковски инсистира на прогрес, па веројатно нема да остане на својата функција ако клубот не дефинира план за надградба.

Раководечката структура на клубот дојде во јануари 2023 година и ги исполни очекувањата до овој момент. Сепак, Gol.mk дознава дека претседателот може да го напушти клубот, ако клубот не го направи потребниот скок, што би бил голем удар за Пелистер. Имено, со името на Митко Стојковски врзани се успешни години во клупската историја. Во неговата последна сезона во играчката кариера го освои Купот на Македонија во 2001 година, а подоцна како спортски директор го одведе својот матичен клуб во евро-куповите во 2008 година. Иако оваа мисија беше најтешка и го затекна клубот со долгови и на четвртото место во Втората лига, Пелистер одигра одлична сезона и ја оствари целта – стабилизација во Првата лига. 

Голем дел од долговите кои ги наследи актуелниот раководечки тим се регулирани. Исто така на фудбалерите и вработените во клубот ништо не им се должи од плати и хонорари. Фудбалерите, водени од Костов во есенскиот и Захариевски во пролетниот дел, имаа и позитивни и негативни моменти, но во последната деценија на ниту еден нов прволигаш не му било лесно во првата сезона по промоцијата, бидејќи разликата меѓу Првата и Втората лига е многу голема.

Пелистер ја има најфудбалската управа во мак-фудбалот, со имиња со репрезентативно педигре и голем дел од нив со волонтерски ангажман, што е единствен случај во мак-фудбалот денес. Сепак, клубот е во целосна сопственост на Општина Битола и извесно е дека за скок во плановите и проектот потребен е приватен капитал или продажба на клубот.