ВИДЕО: Пелистер му даде девет гола на Љуботен, лесни куп-победи и за Работнички и Македонија ЃП

Прволигашите без многу проблеми ја минаа првата пречка во Купот на Македонија, откако пласман во осминафиналето обезбедија екипите на Тиквеш, Работнички, Брегалница, Македонија ЃП и Пелистер.

„Лавовите“ до второ коло во најмасовното клупско фудбалско натпреварување во Македонија стигнаа победувајќи го Детонит Јуниор со 0-3 (0-2). Со два гола во првиот дел, скопјани рано го трасираа патот до победата, а во продолжението само го потврдија славјето. 

  • Детонит - Македонија Ѓoрче Петров: 0-3

„Гипсарите“ од Џепчиште во второто полувреме го прегазија Гостивар и славеа со 0-4 (0-0). Откако мрежите мируваа на полувремето во Гостивар, Ренова со четири погодоци во продолжението успеа да се пласира во осминафиналето.

  • Гостивар - Ренова 0-4:

Екипата на Пелистер убедливо стигна до следната фаза во Купот, откако го победи Љуботен со високи 0-9 (0-6). Натпреварот, кој се одигра во Битола, заврши со огромно славје на „зелено-белите“. Три гола во триумфот даде Здравевски, два Борче Маневски, а по еднаш погодуваа Сулејмани, Талевски, дебитантот Ивановски и Јуфо. 

Меѓу шеснасетте најдобри се пласира и тимот на Брегалница од Штип, кој потешко од очекуваното славеше над амбициозниот второлигаш Воска Спорт (1-0). Стрелец на победничкиот гол за „сините“ на стадионот на СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид беше Дарко Додев уште во 7. минута од средбата. Со гостинска победа заврши и дуелот меѓу Новаци и Тиквеш (0-2). Ѓурковски и Спахиу ги постигнаа головите за кавадарчани. 

Дел од осминафиналето ќе биде и Работнички, кој со головите на Кристијан Стојкоски, Андреј Лазаров и Дин Алометовиќ, со 0-3 славеше над Слога Виница. Екипата на Охрид обезбеди пласман во осминафиналето, совладувајќи ја Локомотива од Градско со резултат 0-2. Александар Бакулески и Сашо Шопоски ги постигнаа головите за екипата на Драган Бочески.