Пелистер ќе добие нов претседател, Митко Стојковски го потврди заминувањето

Со одигрувањето на последното 33. коло заврши фудбалскиот шампионат на Македонија и со исклучок на Беса, која ќе игра бараж натпревар, сите останати прволигаши се на заслужен одмор. Пелистер со пораз од Беса со 1-4 го заврши првиот шампионат по враќањето во елитната категорија, но од поодамна ја оствари целта и го обезбеди опстанокот. Со 38 бода битолчани се баш на средината на табелата. 

Сепак, клубот од Битола го чекаат промени ова лето. Клубот веројатно ќе биде продаден, а според најавите од пред неколку недели, ќе добие и нов претседател.

„Заминувам од позицијата претседател на клубот и во иднина ќе бидам најголем навивач на Пелистер. Ќе останам само до транзициониот период кога ќе биде назначен новиот претседател. Главната цел според предвидениот буџет - опстанокот и стабилизацијата на клубот во Првата лига ја остваривме. Сепак, втората цел, која е финансиска стабилност на клубот не ја остваривме.

Една од причината за моето заминување е и непочитувањето кон клубот на тие што треба да го бодрат и во најтешките моменти. Му посакувам само успеси на клубот во иднина“, рече претседателот Митко Стојковски.

Веќе со недели се шпекулира дека клубот ќе биде продаден, бидејќи веќе има понуди до Општина Битола за купување на мнозинскиот пакет на клубот од Битола.