• Горан Упале

Фудбалерите на Пелистер како да се претплатија за нерешени исходи во ПМФЛ. „Зелено-белите“ не загубија ниту на гостинскиот натпревар против Гостивар (0-0) и со тоа го запишаа седмото реми оваа сезона и останаа на осмата позиција на табелата во домашниот шампионат. Гостивар, пак, кој важеше за голем фаворит на оваа средба, на теренот во Маџари не успеа да го докаже тоа и остана без планирани два бода.
Гостиварчани, кои во првата фаза од шампионатот запишаа само еден пораз, поквалитетно и поофанзивно го отворија натпреварот во Маџари. „Зелено-белите“ беа приморани да се бранат во својата половина, а тоа го правеа на речиси перфектен начин.
Домашните фудбалери уште од самиот старт наметнаа силно темпо, кое ветуваше многу, но како да им фалеше тој последен пас или пак концентрација во завршницата. Првото големо возбудување пристигна во 20. минута кога младиот Мухамед Елмас одлично проби по десната страна и центрираше во „срцето“ на казнениот простор на пелистерци, но десниот бек Стефан Ивановски одлично ја следеше акцијата и со навремена интервенција спаси чист гол на домаќинот.
Нешто подоцна се закани и Ајдоган, кој со пета сакаше да го изненади Јовчевски, но неговиот обид заврши покрај голот на гостите. 18-годишниот Елмас со нов продор по десна страна повторно му создаде грижи на битолчани, но одново опасноста ја отстрани Стефан Ивановски.
По половина час игра, новиот тренер Марсио Нобре беше приморан да ја направи првата замена, откако Елмас се здоби со незгодна повреда и прерано го заврши натпреварот. На негово место влезе Диата, а на клупата за резерви се упати и голманот Ерсу. Него го замени младиот Васко Василев. Во самиот финиш мрежата на Јовчевски се затресе, но линискиот судија со право го подигна знаменцето за офсајд, во кој беше Мбанде.
На полувреме мрежите мируваа, а во воведот од вториот дел конечно возбудување и пред домашниот гол. Младиот Михаил Талевски со соло-акција си создаде простор за шут, но тоа го направи непрецизно и топката заврши над голот на Василев.
Лошиот терен на стадионот во Маџари не дозволи актерите на натпреварот во целост да ги покажат своите квалитети, па затоа сè почесто се шутираше од далечина. Таков обид за отворање на резултатот имаше Диата во 60. минута, но Јовчевски беше добро поставен и впиша нова интервенција. Седум минути подоцна истиот фудбалер одново се најде во центарот на вниманието, но повторно биеше непрецизно, овој пат од само неколку метри од тешка позиција.
Младиот македонски репрезентативец своите голмански квалитети уште еднаш ги покажа во 75. минута кога со фантастична парада му одбрани зицер на Машике. До крајот на средбата Гостивар се закани уште неколку пати, но мрежата на Јовчевски остана незатресена. Во судиското надополнување Мирко Ивановски во стилот на Марадона, со рака, постигна гол за Пелистер, но судијата не наседна на тоа и му покажа жолт картон за неспортскиот потег.
Пелистер се одбрани и по долгото судиско надополнување и вторпат оваа сезона остана непоразен против засилениот Гостивар.