Пелистер ја отвора новата трибина за „вечното дерби“ со Вардар!

На пет дена до стартот на првото овосезонско „вечно дерби“ меѓу Пелистер и Вардар, пристигна убава вест за битолските фудбалски фанови.

Имено, Општина Битола информираше дека токму за овој дуел ќе биде отворена новата трибина и домашните фанови за првпат од таму ќе може да ги бодрат своите миленици.

„Со „вечното македонско дерби“ помеѓу ривалите, фудбалскиот клуб Пелистер од Битола и ФК Вардар од Скопје, в сабота од 13.00 часот, општина Битола, ќе ја пушти во употреба реконструираната северна трибина на стадионот „Петар Милошевски“. Откако деновиве беа изведени завршните градежни работи за поставување на столчињата, трибината со капацитет за 4.800 гледачи е подготвена за прием на навивачката публика. Иницијативата која започна во 2014 по желба на битолчани, конечно станува реален проект, чии бенефити ќе може да ги користи Битола и нејзините вљубенци во спортот, а пред се фудбалските фанови.

Трибината се полни низ седум сектори кои се поврзани помеѓу себе со внатрешен ходник. Oрганизирана е во 19 – 21 ред со 4.618 места за посетители, 146 места за почесни гости, кабини за новинари (12), кабини за коментатори (2) со 8 места. Просторот под трибина е распределен на три нивоа, додека четвртото ниво е над самите трибини, односно претставува дел од трибинскиот простор, бидејќи се наоѓа во негово продолжение. Типот и организацијата на просториите е во согласност со пропозициите на УЕФА и програмските барања на инвеститорот – Општина Битола, а со цел правилно функционирање на фудбалскиот стадион.

Општина Битола е единствената општина во државата, која реализира ваков капитален проект од сопствени средства, од кој активностите согласно склучените договори се целосно реализирани.
Во следниот период, локалната самоуправа ќе продолжи со инвестиции за доуредување на внатрешниот и околниот простор, како и внесување на комплетна функционалност на објектот, согласно меѓународните стандарди, но и во корелација со обврската за одржливост на објектот“, се вели во соопштението на Општина Битола.

Натпреварот меѓу големите ривали се игра в сабота од 13:00 часот, а со отворањето на новата трибини се создаваат услови за гостински навивачи. Дали тоа ќе се случи и одново ќе гледаме фудбалски натпревар во Битола со две навивачки групи, во следните денови одговорот ќе го дадат приврзаниците на Вардар.