Пелистер и Лабуништа со значајни победи во дерби дуелите

На дуелот на ланските прволигаши, попладнево под „Тумбе кафе“, Пелистер го совлада Скопје со 2-0 (0-0) во рамките на 22. коло на ВМФЛ-Запад и ја продолжи потерата по место кое води во баражот за елитата. 

Првиот дел мина во знакот на лоша и неорганизирана игра во двете страни. Најзрелата можност ја имаше Ристе Илијоски, чиј удар од непосредна близина го одбрани Христијан Стевковски. 

На почетокот од вториот дел Филип Јовановски изби сам пред Трајчевски, но при обидот да го мине, Благоја Љамчевски го стигна и спречи чист гол за гостите од Автокоманда. Kазната стигна во 66. минута кога по центаршутот на Благоја Љамчевски, со глава биеше Ристе Илијоски и го совлада Стевковски. Потврда на победата дојде во 87. минута, кога по центаршутот на Бошковски, капитенот Благојче Главевски со глава ги постави финалните 2-0.  

Со голот на Бурхан Алији, Велазерими уште на средина од првиот дел поведе во Гостивар. Сепак, домаќините се вратија и преку Чилафи стигнаа до реми (1-1). 

Кораб славеше во Куманово против Гоблен Јуниор со 0-2 со головите на Укјан Муча во првиот и Мерсовски во вториот дел. Натпреварот во Тетово меѓу Тетекс и Лабуништа заврши со гостинска победа со голот на Бојан Спиркоски на почетокот од вториот дел (0-1). 

Вчера во Гостивар лидерот Струга Трим Љум го совлада Генч Калемлер со 0-1 со голот на Драгарски. Стружани се суверен лидер и најсериозен кандидат за промоција во ПМФЛ.