Пелистер го надигра Деволи во ефикасниот пријателски меч во Корча

Македонскиот прволигаш Пелистер со победа ги отвори пријателските натпревари во склоп на зимските подготовки. „Зелено-белите“ на денешното гостување во Корча запишаа минимална победа над тимот на Деволи со резултат од 2-3. 

Иако првично беше планирано првиот контролен натпревар да го одиграат на 26 овој месец против Струга Трим Љум, сепак, пелистерци ја прифатија поканата на албанскиот клуб и попладнево одиграа квалитетен тест-дуел во Корча, кој беше крунисан со пет погодоци. Стрелци на головите за Пелистер беа Размоски, Маневски и Талевски.

Пелистер со засилено темпо се подготвува за пролетните предизвици во ПМФЛ, затоа што по првиот дел се наоѓа во незавидна ситуација и доколку сака да остане во елитата ќе мора да се надмине себеси и да започне да бележи подобри резултати.

А, за тоа раководството на тимот веќе донесе две квалитетни засилувања, но сè уште се чека на она вистинското, во нападот на Капинковски, кое најверојатно ќе биде официјализирано во текот на следната седмица.